Макартистичката инквизиција лустрира во Македонија

На човештвото му смрди до последната пора. Не помагаат тука ни УСАИД ни закани. Кој сака да живее во слобода и да дише чист воздух, кога-тогаш ќе удри на фашизмот. Друго чаре нема, оти изборот е живот или смрт
Mirka Velinovska Министерот Иво Ивановски си отиде на нова должност. Приватна. На државната заврши голема работа. Нѐ вмрежи безжично, не компјутеризира, не мобителизира, ама и ни остана должен во сферата на средување на државната администрација и медиумите. Не е дека не направи некои револуционерни обиди. Правеше усилби човекот, само што вакви неблагодарници како мене, ете, сенешто се незадоволни и бараат влакно во јајцето оти се буквалисти. Јас, на пример, си играв мајтап со административниот семафор што го воведе како револуционерна новина Ивановски. За мене тоа значеше трик за операцијата „мочање низ ветер“. Магионичарски трик на политика што сака да го прелаже народот и да скрие дека нема намера реално да ја реформира државната администрација. А сите знаеме дека таа си е иста како и во еднопартискиот систем. Функционира онака како што функционирала и во турско, и во српско, и во бугарско, и во комунистичко, и во плуралистичко време. Пред шалтерот сите виткаме ’рбет. За шалтер фаќаме дебели врски од општина до монополска компанија, од суд до факултет, од здравство до катастар. Вадиме доказ дека сме родени секои шест месеци, оти застарувал. Подмитуваме, се лигавиме, само за да завршиме своја работа. Се разбира дека ова не му го припишувам како личен грев на Ивановски. Тој не е министер со право на вето во Владата на Македонија, па да спроведува свои проекти. Правел она што му наредувале оние над него. Но сакам да кажам дека ептен е смешно да испраќаш бивш министер на нова приватна должност со честитка во која пишува дека дотичниот во приватна странска компанија ќе работел за интересите на Македонија. Едно знам, да сакаше да работи за Македонија ќе останеше во државна служба. А ако работи за Македонија како службеник во приватна компанија чиј стратегиски приоритет е профит на компанијата, газдите ќе го „ногираат“ експресно, без ич да чекаат да се вклучи зелено светло на семафорот. Оти тие не вработуваат лобисти. Ги плаќаат надворешно, со договор по дело. Иво ни остана должник и како регулатор на македонската медиумска сфера. Исполни сѐ што му го диктираа Дуња Мијатовиќ и ЕУ, НАТО, САД-форумите во сите формати и изданија. Денес сме целосно изрегулирани со една „маааала“ забелешка: новинарство речиси нема. Изумрена е професијава исто како диносаурусите по судир со астероид. Новинарите ги спржија сеприсутната и заразна пропаганда и лобирање. Ќе бидам објективна. Иво министерот не е виновен. Новинарите се. Никој практично не ја поддржа идејата да се самозаштитиме со лиценцирање. Ни МАН ни ЗНМ. Повеќе сакаа да си играат камај во реални шоу-програми, да бидат воајери (парџии) пред публика. Кога веќе не даваат информации, вести, журналистички обработени теми и анализи, кога слободата им е укината, а тие се согласија, веќе нема причина да се издиференцираме професионално за да не нѐ диференцира кој стигне.
Ете, мене минатата недела јавно ме издиференцира некојси Владимир Петревски. Суштествово не го познавам. Не сум слушнала за него. Можеби е суштествувачко суштество, жив вмрежен пропагандист, малечко исфрустрирано Хитлерче од некое маалско сокаче, а можеби е стрип-лик исконструиран за потребите на американската пропаганда што во Македонија глуми аналитично новинарство. Виртуелен лик зад кој се крие колективниот труд на „особљето“ на американската амбасада во Скопје, односно што „соработува“ со проектот на УСАИД „за проверка на медиумски факти“. Важно, седнал некој и се помачил да стокми „анализа“, за да докаже дека во и околу Македонија кружи баучот на руската пропаганда. Сочинението структурирано и со тежина да предизвика шоков ефект, идентичен на оној што го имаше епруветата со бел прашок со која на седница на Советот за безбедност на ООН мавташе генералот Колин Пауел за да го убеди светот оти Садам Хусеин располага со биолошко оружје. Еј, бре! Да бев склона кон еготрипови, сега ќе се пував пред вас, дотука бидува! Станав епрувета (за оние што не ги бива за симболика и дешифрирање исконструиран доказ за изведување магионичарски трик и маслосување на здраворазумски битија). Прв „гинипиг“ во римејкот на идеолошката макартистичка инквизиција што своевремено го прочистуваше Холивуд од русољупци. Јас сум крунски доказ дека „Руси долазе“ во и околу Македонија. Сум ги поврзала во колумна од 15 мај САД, НАТО и ЕУ со фашизмот. Така гласи обвинението на лудациве. Па, со што на мајка им да ги поврзам? Со демократија, со слобода, со права? При Гвантанамо, при Абу Граиб, при закон за слободно киднапирање и убивање низ планетава, при онолку тајни затвори, отворени конц-логори, закон за вградување чип во живото тело на човек за идентификација и ликвидација што важи од 2017 година, проекти за сатанизирање религии за да се предизвика верска омраза и за регрутација на топовско месо, за разорување држави и уништување народи, за ГМО-производство, за приватизирање на сонцето, планетите, месечината, небото, дождот, водата, ветерот… за претворање на човештвото во бројлери, а државите (човечките заедници) во провизориуми… Сето тоа го среќаваме како евроатлантска политика во Македонија, односно на Балканот. Ние го гледаме и чувствуваме здивот на фашизмот. Јас само го артикулирам медиумски оти не сум ни глупава ни ќорава.
Секој си прави свои избори кога донесува одлуки за тоа како ќе го живее својот живот. Јас за ниту една причина нема да станам корисник на валкани пари за да помагам устоличување фашизам, тоталитаризам и диктатура. Најмалку ќе ја пропагирам медиумски. За вакви злосторства, а по жестока борба, кога ќе победам, ќе им судам за злосторства против човештвото. Сум решила слободата да не ја трампам за која било форма на физичко преживување (сигурност), оти животот е нешто многу повеќе од материјално. И затоа секогаш на крајот победува. Како таква, плус сум одлучила да бидам новинар. Ќе пишувам и говорам, ќе информирам и предупредувам кога ќе видам поробител, налудничави политики и луди политичари. Ич не ми чуе колку се силни. Оти знам дека стравот нема да ме контролира и слободно, јас ќе го изберам начинот на кој ќе го завршам животот, а сепак сонцето и без мене ќе свети. Според тоа, без помош на УСАИД-пропагандистите што се вмрежени низ цела планета во 200 минус 1 држава (нема само во САД зашто само таму не постои американска амбасада – епохално и духовито откритие на еквадорскиот претседател Кореја) го исцитирав генералот во пензија Весли Кларк, кој предлага отворање кампови или логори за сегрегација на населението. Ќе го диференцирал човештвото на проамериканско и непријателско. Сега, пак, ќе ја цитирам неговата намера, нас, кои на Балканот сме ширеле руска пропаганда, да нѐ праќа во Сибир. Нема да губам време за тоа да заклучам дека си имаме работа со шлакнат човек. Да ме пратеше во Алјаска или Гвантанамо, во тајните европски затвори, ај ќе речев, ама во Сибир!? Очигледно е дека е зрел за во лудница. Но со радост и гордост ќе им удрам кроки-психолошки скен на креаторите на неофашизмот врз основа на овие факти: На онаква метастазирана организација на НВО и медиумски фабрики со кои е окупирана Европа, а особено Балканот, на онолку отворени подруми и одгледани печурки, на онолку школи за млади лидери, при толку радио „слободни европи“, гласот на Америка, јавни сервиси за евроатлантска пропаганда, глобални ЦИА-телевизии, масовно шпионирање, на онакво производство на црпнати политичари, инстант-револуции, преврати, војни, масовни погроми, на империјата и нејзините вазали нешто ич не им оди на добро на реален терен со реални луѓе. Колку посилно пропагираат, толку поголема поплава од испливани лајна се слева на секоја педа од планетава. На човештвото му смрди до последната пора. Не помагаат тука ни УСАИД, ни закани. Кој сака да живее во слобода и да дише чист воздух, кога-тогаш ќе удри на фашизмот. Друго чаре нема, оти изборот е живот или смрт.
Ако Русија сега се бори против фашизмот со својата државна политика, нормално дека ќе ја следат или одобруваат антифашистите од цел свет. Независно од идеологијата или религијата. На таквата политика не ѝ треба пропаганда ниту пропагандна мрежа испреплетена како свински црева. Ќе ви дадам два фасцинантни примера, а овие што проверуваат медиумски факти нека повелат на „даблчек“. Исламските верски водачи од Азија, од регионот на Пацификот (Филипини, Индонезија, Малезија) на муслиманите од светот, а особено од Блискиот и Средниот Исток им советуваат да не ги поистоветуваат западното и источното христијанство. Благодарение на западната империјална и колонијална политика, како колатерална жртва при, не дај боже, светски религиски судир, паѓаат католичанството и протестантството како цел. Кларк и таквите како него планери, кои за потребите на империјата го поставија Балканот на линија на огнот, очекувајќи војната да почне одовде и сите да изгинеме, не ги радува фактот дека, ете, и другата страна (исламот) ги разоткрива пеколните планови за глобален судир божем од верски причини. Ние, православците од најновиот евроатлантски проектиран конц-логор за муслимански иселеници, сѐ уште даваме отпор да не станеме топовско месо за нивни интереси. Мислат дека Русија нѐ организира, иако Вашингтон ги одгледа и УЧК и ИСИЛ. Будали! Па ние, бре, едвај дали сме виделе во живо Русин. Мене ми се и комшии со амбасадата, а јас дури на врачување на антифашистичкото признание го видов рускиот амбасадор во живо. Ниту им одиме на прослави ниту нѐ викаат. Не гледаме огномети за нивни празници. Нашиве елитисти не им одат на приеми за да не му се замерат на американскиот амбасадор, не се потепуваат да се сликаат пред руската амбасада или со некој руски официјалец. Не ни се советници и почесни членови во партиите. Не им правиме интервјуа, абер немаме за руската политика.
Едноставно, во овој наш окупиран медиумски простор нема ништо друго освен евроатлантска пропаганда и лобирање. Па ние, бре, имаме премиер со депонирана оставка, кој единствен во светот јавно се огради од две руски државни знамиња присутни на народен митинг свикан од него, а за негова поддршка. Арно ама, не оди работава. Всушност оди, ама наопаку. Како со поплавите и свлечиштата што ги сотреа и Шипковица и Мала и Голема Речица. Кога ќе тргнеш со омраза, егоизам, алчност и агресија против природата, универзумот, на крајот ти ќе го папаш. Дијалектички. Кога ќе тргнеш да сечеш дрвја за профит, кога за да ги сечеш, прво ќе палиш шуми, па ќе убиваш шумари, а во меѓувреме си ги запоседнал сите планински села, па си почнал да градиш на диво и неконтролирано без да фермаш државни закони, си се искачил над долините за да ги гаѓаш слободно градовите оти си ги сардисал просторно ем рамковно, ете ти белја. Еден порој, па свлечиште, па сотрени фамилии, па лелеци. Знамето на САД и НАТО не помагаат. Или, како што вели умниот и храбар чешки претседател (државник) Милош Земан: „доселениците масовно надоаѓаат во Европа поради налудничавите воени акции на САД и ЕУ на Блискиот Исток и Северна Африка. Интервенциите во Ирак, Либија и во Сирија доведоа до јакнење на терористичките групи. На ова ќе го посветам мојот говор во ООН“. Молам! Сериозна најава од сериозен и одговорен политичар. Блазе си им на Чесите со таква елита и таква висока свест, која го помни своето минато и учи на туѓо искуство.

Автор: Мирка Велиновска

Текстот е објавен во Нова Македонија 07.08.2015.год. врска

You may also like...

Вистина Правда The Truth Verdad Вистина
Translate »